КОМЕНТАР ОД ВЛАДАТА ЗА НАБАВКАТА НА СКАПИТЕ ЧИНИИ ОД 88 ЕВРА ПО ПАРЧЕ: Целта е да се заштеди и да не се носат странски делегации по скапи ресторани

Службата за општи и заеднички работи ја подновувава владината кујна. Покрај бела техника, набавува и нов прибор за јадење, со највисок квалитет, порцелан, инокс и кристал, објавува порталот ММС.

Договорот вреден над 37.000 евра го добија три фирми – „Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“, сите од Скопје. Тие треба до владината сужба да достават висококвалитетна бела техника- софистицирани електрична и плинска скара, витрина, шок фрижидер од инокс, фрижидер за замрзнување храна, апарат за пеглање, стик правосмукалка, машина за пакување храна… Но, и повеќе комплети на најразлични прибори за јадење за владината кујна.

Така, чиниите во најразлични форми по 30 и 60 парчиња треба да бидат изработени од тврд поцелан со висок сјај кој е отпорен на гребење и да бидат бели со златна линија. Ножевите, вилушките и лажиците, пак, исто по 30 или 100 парчиња треба да бидат изработени од високоотпорен инокс. А чашите од по 30 парчиња треба да бидат кристални.

За приборот за јадење ќе бидат платени над 17.000 евра. Интересно е тоа што цената на само еден вид чинии за главно јадење изнесува 4.588 денари без ДДВ, или една чинија со ДДВ ќе ја чини над 5.400 денари или неверојатни 88 евра по чинија. Бидејќи се бараат 30 парчиња, само за нив ќе плати околу 2.650 евра. Останатите чинии чинат по околу 50 евра за парче, или од 1.144 денари тие за десерт, до над 3.700 денари парче за други за главно јадење. Еден нож од инокс за главно јадење чини 639 денари или 10,4 евра за парче.

Владата набавува по над 30 парчиња од различни ножеви, од ножеви за предјадење до главно јадење и десерт, а најевтините, тие за риба чинат 432 денари без ДДВ. Вилушките се нешто поевтини и чинат од 421 денар за парче или 6,8 евра до 553 денари или речиси 9 евра за вилушка. Лажиците се околу 400 денари без ДДВ за парче. А кристалните чаши, пак, една чини 343 денари или по 5,5 евра за парче.

На ова владата коментира:

Јавната набавка се однесува на потрошен кујнски материјал за потребите на сите државни институции, вклучително Претседателот на државата, Собранието и владините институции, како и за сите посети на странски делегации во Република Северна Македонија.

Тоа значи дека кујнскиот прибор и другите апарати за приготвување и послужување не се наменети исклучиво за потребите на Владата или за Канцеларијата на премиерот, туку за потребите на Службата за општи и заеднички работи во чија надлежност се поголем број институции во кои се испорачуваат угостителски услуги.

Ова е прва ваква набавка во последните 10 години иако спаѓа во редот на редовните за потрошен материјал.

Од 2017 година наваму воведена е нова рационална практика со која угостителските услуги се користат во објекти под ингеренции на Службата за општи и заеднички работи, по ниски цени и со услуги кои ги испорачуваат самите вработени во службите.

Тоа е различно од порано, кога се издвојуваа огромни суми народни пари за ресторански, кафански и други угостителски услуги во надворешни приватни комерцијалени оператори, како за потреби на функционерите, така и за странски делегации.

Со оглед на високата фреквенција и високото нивото на странски делегации и посети во земјава, поцелисходно и порационално е да се набават 30 парчиња прибор за јадење за високи странски делегации, за посети на претседатели, премиери и други високи гости на држави и со тоа услугата да се извршува на соодветно и квалитетно ниво колку може почесто во објектите на СОЗР односно Владата, отколку при секоја странска делегација да се плаќаат високи сметки во скапи и луксузни приватни ресторани.