Очекуваме поддршка од ЕУ бидејќи реформите интензивно ги спроведуваме и земјата одамна заслужи да ги започне преговорите со унијата. Новата Влада предводена од СДСМ ќе остане посветена на барање заедничко прифатливо решение со Република Бугарија, согласно европските вредности.
Добро е што има позитивни сигнали од премиерот Петков во однос на спорот и очекувам час поскоро да дојдеме до решение. Ова денес го порачав на средбата со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, господинот Дејвид Гир.
На евроамбасадорот му ги презентирав моите заложби и приоритети како нов претседател на СДСМ, но и како иден мандатар. Новата влада ќе се фокусира на зголемување на ефикасноста на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и пандемијата, реализација на економски реформи и неселективна борба против корупцијата. Потенцирав дека ќе се залагам за подигање на ефикасноста во работењето на Владата и поголема одговорност кај секој функционер.
Амбасадорот Гир ги потврди заложбите и поддршката на Северна Македонија од страна на Европската унија и потврди дека тие остануваат наш силен сојузник.