Производството на електрична енергија за домаќинствата е стабилно, а цената на струјата за домаќинствата нема да се менува. Акционерското друштво „Електрани на Северна Македонија“ го засили ископот на јаглен во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, заради стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и го оптимизира производството во хидроелектраните, гасната и ветерната електрана, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Ковачевски најави склучување на договор за набавка на јаглен за РЕК „Осломеј“ за негова континуирана работа од декември до април 2022 година. Додека за РЕК „Битола“, тој информираше дека повторно е распишан повик, со цел да се добие поголемо количество на јаглен, со поволна цена која ќе има економска оправданост.