Максим Димитриевски: Имаме консензус за гимназијата на албански наставен јазик Сами Фрашери, стариот градски парк го трансформираме во модерен и урбан смарт парк

Почитувани,

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното
гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ информираше дека во
првите 100 дена од вториот мандат реализирани се повеќе од 40 проекти.

„Во моментов, се работи интензивно во Куманово. Работиме неколку
капитални проекти, особено во централното градско подрачје со решавање
на една од главните раскрсници во градот и изведба на нов кружен тек на
булеварот Трета Македонска со булеварот Октомвриска револуција. Конечно,
отпочнавме со реконструкција на стариот градски парк во градот, кадешто
буквално сите генерации на кумановци пораснаа, и тоа ќе го
трансформираме во еден модерен, урбан смарт парк. Реализираме голем број
на други поситни инфраструктурни проекти – бекатонирање на улици,
асфалтирање на улици, дел од фекална, атмосферска канализација и
инсталација на нова водоводна мрежа. Но, секако како општина се
соочуваме и со сите проблеми кои ги имаат останатите општини бидејќи сме
директно погодени како општини од енергетската криза“, рече
Димитриевски.

Димитриевски посочи дека интензивно се работи и на реконструкција на
училиштата во Куманово.

„Успеавме да ги реконструираме сите средни училишта, бараме решение за
гимназијата на албански наставен јазик Сами Фрашери. Веќе имаме
консензус по тоа прашање. Дополнително, влеговме во реконструкција на
одредени основни училишта, а во следниот период во делот на училиштата
ќе се обидеме средствата кои ги имаме на располагање да ги инвестираме
во инсталација на фотоволтаични панели како би постигнале повисоко ниво
на заштита во електричната енергија. Тоа е главниот проблем на Куманово,
само ќе му недостасуваат над 20 милиони денари оваа година за да ја
платиме струјата во училиштата, бидејќи гледам дека во моментов власта
сè уште нема решение како согласно законот да ги плати по блок дотации
тие средства на општините. Значи, ќе мораме во овој момент да се
снаоѓаме сами како знаеме и умееме“, потенцираше Димитриевски.