Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, во претседателската резиденција „Вила Водно“ денеска се доделија признанијата на претпријатијата кои придонесуваат за развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и надвор.
Признанието го прими претседателот на Управен Одбор на МСУ, проф. д-р Јордан Ѓорчев.
Оваа манифестација е еден светол пример за оддавање на признание на македонските бренд амбасадори кои успеале да продолжат да делуваат и се залагаат за подобра национална економија и покрај многубројните предизвици со кои сите се соочуваат во 2020 година.
Пендаровски и претседателката на ССКМ, Данела Арсовска, им доделија признанијата уште на девет претпријатија: „Еви Интернационал Терма лифт“, „Ваурон“, „Ми-комерц“, „Процес Ин“, „Раденковиќ консалтинг“, „Зафир Комерц“, „Девомак“ и Горјан Јовановски автор на апликација „Мој воздух“.
Арсовска посочи дека е потребно континуирано да се поддржуваат сите кои се борат за подобра економска иднина и допринесуваат и во време на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Претседателот Пендаровски порача дека оваа година признанието за македонски квалитет има посебна тежина поради напорите на компаниите за зачувување на вработените и задржување на квалитетот на производите и услугите.
„Се радувам што и оваа година избраните компании, кои се од различни области, се стремат кон општествена одговорност, технолошко унапредување и воведување на иновации во својата област, а при тоа не забораваат да ја чуваат и промовираат македонската традиција“, истакна претседателот Пендаровски.