МИЛЕВСКИ: Дигитализацијата на општините ќе се реализира на три нивоа

– Министерството за локална самоуправа планира процесот на дигитализација на општините во државава да се одвива на три нивоа имајќи го предвид различниот степен на нивната развиеност. Според министерот Горан Милевски, неопходно е овој процес да се унифицира и тој ќе биде реализиран заедно со Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно за дигитализацијата. – Ние како министерство со УНДП сме во изработка на проект, актуелно скенираме која општина до кое ниво е стигната со дигитализација за да знаеме каде се проблемите, пречките и на кое ниво е различно секоја општина. Дополнително, со Делегацијата на ЕУ во рамките на проектот „ЕУ за општините” обезбедивме финансиски средства за целосна дигитализација на Тетово, некаде околу 700.000 евра.

Целта на оваа работилница и од сите активности е да дефинираме и да имаме една национална платформа по која ќе се водат сите општини при дигитализацијата за да нема различни начини на дигитализација, рече Милевски на денешната промоција на прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини”. Извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ изјави дека тие максимално работат на дигитализација на општините, односно на дигитализација на услугите кон граѓаните. – Ние имаме три главни сервиси коишто ги одржува ЗЕЛС и се наоѓаат во ЗЕЛС, а корисници се сите општини. Се работи за системот за одобрение за градба, кој го имаме од 2013 година и со кој станавме прва земја во ЕУ и втора во светот што има таква услуга. Вториот е е-градежно земјиште – целото управување со градежното земјиште општините го вршат на електронски начин, и третиот е е-ствари, изјави Перишиќ.

Зборувајќи за прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини”, комуникологот Бојан Кордалов рече дека дигиталната трансформација не е само поим, туку е предност за граѓаните, компаниите, организациите, пред се заштеда на време, пари и можности. – Наместо да разговараме за тоа која партија ќе биде побројна во општините или во владата мислам дека треба да разговараме кои се приоритетите на граѓаните во самата локална самоуправа. Ако така ги поставиме работите, приоритетите се да не се чека на шалтери, да нема гужва, приоритет е да се заштедат пари и време и едноствано услугите да бидат многу подостапни за секој граѓанин и граѓанка, изјави Кордалов, додавајќи дека само со добри јавни услуги и само со добри сервиси што ги нудат општините може да се врати довербата во институциите.