Расчистени две кривични дела во Тетово, приведени разбојник и крадец
На 15.04.2022 околу 02.30 часот во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 35-годишниот тетовец Г.С., поради сомнение дека еден час претходно во пекарница на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово со закана кон вработената одзел пари. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 14.04.2022 околу 13.35 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 42-годишниот Т.Б. од Скопје, кој претходно извршил кражба во продажен објект во трговски центар на истата улица. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот. По документирање на случајот и против Т.Б. ќе следува соодветен поднесок.
Приведен кичевец за издржување затворска казна
На 14.04.2022 во 09.30 часот во Кичево, полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Б.С.(44) од Кичево. За него била распишана потерница врз основа на наредба од Основен суд Кичево со која се барал за издржување на затворска казна.
Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор-Битола за издржување казната.
Приведени дилери во Дебар, пронајдена е марихуана
На 14.04.2022 на излезот од Дебар кон Маврово, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар во кооординација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар ги лишиле од слобода Б.Л.(19) и малолетник, двајцата од Дебар. При преглед кај нив била пронајдена и одземена ќеса со марихуана.
Тие биле приведени во ОВР Дебар и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена пријава по член 215 од Кривичниот законик.
Претреси во Штип, пронајдени повеќе украдени предмети
На 15.04.2022 во периодот од 08.30 до 12.00 часот по претходно добиени сознанија од страна на полициски службеници од СВР Штип и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал, во содејство со претставници од Државен инспекторат за животна средина и Државен пазарен инспекторат, согласно издадените судски Наредби за претрес на нелегални откупни пунктови за секундарни суровини, извршени се претреси на 4 локации на подрачјето на град Штип, со цел пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од кривични дела „тешки кражби“, „кражби“ и „загрозување на животната средина и природата со отпад“.
При претресите во просториите кај едно правно лице и кај три физички лица Ѓ.К, А.Д. и Т.Т., сите од Штип, пронајдени се предмети за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по чл.230 од Кривичниот законик и кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“, кои со потврда привремено се одземени и ќе бидат вратени на оштетените граѓани.
Од страна на инспекторите од двата државни инспекторати констатирани се неправилности во работењето кај сите откупни пунктови. Се работи на целосно документирање на случаите по што од страна на надлежните до ОЈО Штип ќе бидат поднесени соодветни пријави.