Кредитната линија е обезбедена преку Програмата на ЕБОР за финансирање зелена економија – GEFF.
Средствата се наменети за физички лица кои сакаат да инвестираат во нови решенија во својот дом за да заштедат енергија, како што се изолација, прозорци, топлотни пумпи, соларни панели и друго. По успешна реализација на инвестицијата, корисниците ќе имаат право на грант во износ до 20% од вредноста на кредитот или на проектот. Средствата за грантовите се обезбедени од Европската унија.
„Кредитите понудени од кредитната линија GEFF досега се одлично прифатени од нашите клиенти и за краток период бележиме значајна побарувачка за овој атрактивен еколошки производ. Ова е дополнителен доказ дека овој вид поддршка на домаќинствата за имплементирање зелени технологии е неопходен и важен“, изјавија од Комерцијална банка.
Заклучно со февруари 2022 година, Програмата за поддршка на инвестиции во зелена енергија (GEFF) во Северна Македонија е искористена од скоро 2.700 домаќинства во износ од 20 милиони евра. Комерцијална банка се приклучи на оваа програма во 2020 година и веќе има поддржано инвестиции во енергетска ефикасност во износ од еден милион евра.
„Ни претставува задоволство што го градиме успешното партнерство со Комерцијална банка АД Скопје и што ја зголемуваме нашата поддршка на инвестиции во енергетска ефикасност во земјата. Инвестициите во енергетска ефикасност имаат повеќекратни бенефити. Тие придонесуваат за намалување на сметките за електрична енергија на граѓаните, но и за намалување на производството и потрошувачката на електрична енергија во земјата, и конечно за намалување на емисиите на јаглероден диоксид“, изјави Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР во Северна Македонија.