Во рамките на денешната посета на Рим на македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, присутни беа и повеќе новинари и медиумски работници, а од ССНМ, ЗНМ и СЕММ реагираа дека Владата без никакви критериуми врши селекција за тоа кои медиуми ќе бидат поканети.
„За изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети -истакнуваат од ССНМ, ЗНМ и СЕММ.
Од таму додаваат дека настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да ги следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми.
„Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба. Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните.Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи. Оваа практика на Владата, ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи – се вели во реакцијата на ССНМ, ЗНМ и СЕММ.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ додаваат и дека за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија