Од следната академска година Скопје добива Студентски културен центар

Студентите на најголемиот универзитет во земјава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе добијат свој простор каде ќе можат да се дружат, работат, учат и забавуваат. Со стартот на следната академска година, Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ го најавува и отворањето на Студентскиот културен центар (СКЦ), кој ќе се наоѓа во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

Студентскиот културен центар ќе претставува мултифункционален простор, каде младите ќе можат да работат и учат, но и да уживаат во богата културна програма креирана од самите студенти. Освен на „домашен терен“, мобилната опрема наменета за СКЦ ќе им овозможи на студентите да ги претстават своите таленти и на настани организирани во други градови и држави.

СКЦ – простор управуван од студентите за студентите
Студентскиот културен центар ќе биде простор управуван исклучиво од страна на студентите, согласно својата програма, дејствување и потреби. Овој простор на студентите ќе им овозможи да се организираат, дејствуваат и творат, вели за „Мета.мк“ Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Опремата и просторот на СКЦ ќе можат да ги користат сите студенти, без разлика на кој факултет студираат.

„Преку ден просторот ќе функционира како место на кое ќе може да се одржуваат студентски конференции, работилници, едукации, дискусии и слично. Во деновите кога нема да има настан од овој тип, просторот ќе биде отворен за студентите да можат да дојдат да пијат кафе, да учат, работат, читаат или едноставно да се дружат. Вечерната програма ќе биде исполнета со културни настани од секоја сфера на уметноста и културата, создадени од студентите – ликовни изложби, претстави, свирки, ди-џеј сетови, проекции на филм, а може и само журки“, вели Цветковска.

За програмата на центарот ќе се грижи координативен тим од студенти кои ќе ја креираат истата на неделно и месечно ниво.

Културен центар за студентите Цветковска најави уште на почетокот на нејзиниот мандат, во април минатата година. Овој проект беше дел од нејзината програма со која влезе во трка за студентски лидер на УКИМ.

Автономниот студентски културен центар е идеја за солидарност и заедница. На студентите им е потребен ваков простор за творење, себереализација во креативната сфера, културно издигање и дружење, вели претседателката на УСС УКИМ.

„Студентите се отуѓуваат едни од други, го доживуваат факултетот како стран простор, а целиот процес на студирање само како една голема потешкотија која треба да ја преживеат. Поимот студент, кој треба да асоцира на клетка на револуцијата, животворната материја и двигателот на општеството е комплетно редимензиониран. Не смееме да дозволиме социо-економското уредување да нѐ убеди дека сме сами на светов и во постојана борба едни со други. Да не дозволиме да нѐ проголта конзумеристичкиот наратив според кој студентот е само купена диплома. Автономниот студентски културен центар е идеја за солидарност и заедница. Овој простор ќе им овозможи на студентите да се организираат, дејствуваат и творат“, додава Цветковска.

Скопје има потреба од подобра културна програма
Во земјите од регионот, студентски културни центри функционираат со децении. Во Србија ги има неколку, лоцирани во речиси сите поголеми градови каде што има и факултети. Најстариот помеѓу нив, Белградскиот, е отворен пред повеќе од пет децении, во 1971 година.

И на младите во Скопје им недостасува едно вакво место, вели Цветковска. Таа смета дека понудата на културната програма во главниот град се подобрува, но не доволно.

„Скопје почнува да нуди сѐ подобра културна програма, но не доволно. И постоечката не е доволно отворена и достапна за сите. Има доста културни иницијативи, Младинскиот културен центар (МКЦ) во последните години работење навистина нуди супер културна програма за младите, доста млади ги обединуваат своите сили и знаење за што подобра музичка програма по локалите и дискотеките, но она што недостасува е сигурен и достапен простор кој ќе можат сите млади да го користат. Нашата идеја е СКЦ да биде токму тоа“, појаснува Цветковска.

Студентскиот културен центар ќе се наоѓа во просториите на канцелариите на УСС УКИМ, во палатата „Кузман“ во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

Претходно УСС УКИМ објави и конкурс за студентите на Архитектонскиот факултет за создавање идејно архитектонско решение за СКЦ. Конкурсната жири комисија составена од професори на Архитектонскиот факултет и студенти од УСС УКИМ за победничко го избрала решението на студентките Елена Настеска и Маја Попоска.

„Тоа е единствениот простор од кој единствено ние имаме клуч и единствено ние можеме да одлучуваме што ќе се одвива меѓу тие ѕидови. Канцелариите се непотребно големи, а ние сакаме да се дружиме. Сметавме дека е од особено значење целосната идеја и реализација да бидат исклучиво студентски, а и како студентско собрание кое се залага за интересите и доброто на студентите, многу нѐ радува што нашите колешки ќе имаат шанса да го видат својот труд во реализација во опипливиот свет“, вели студентскиот лидер на УКИМ.

Цветковска додава дека Собранието сака да ја доближи својата работа до студентите и да биде во постојан контакт со нивните желби и потреби.

„Сакаме и да се оттргнеме од симболиката која тие простории ја носат зад себе – нелегитимни избори, интервенции на ЕБР, протести на Студентскиот пленум токму против тогашните парламенти. Студентските собранија се плодот на борбата која Студентскиот пленум ја започна и отворање на јадрото на студентската култура е само одбележување на насоката во која нашите залагања и идеи се движат“, појаснува Цветковска.

Победничкото решение на студентките Елена Нестороска и Маја Попоска / фото: УСС УКИМ
Проектот „Студентски културен центар“ ќе има и своја мобилна варијанта, односно опремата наменета за физичкиот простор ќе биде подвижна. Ова подразбира дека студентите ќе можат своите изложби, концерти, претстави и работилници да ги презентираат во било кој град низ земјата и надвор.

„Веќе почнавме да контактираме со сродните студентски културни центри од другите држави и се надеваме дека ќе воспоставиме активна соработка и размена. Се надевам дека ова ќе биде жариште каде студентските идеи од целиот свет ќе се испреплетат и сплотат“, вели Цветковска.

Инаку, проектот се финансира од средствата што Универзитетското студентско собрание ги добива како процент од давачките на студентите кон ИИКСА (информативни, информатички, културни и спортски активности). Цветковска вели оти УСС УКИМ не се согласува дека студентите треба да ги плаќаат овие трошоци, туку дека државата треба да ја преземе таа обврска бидејќи станува збор за државен универзитет.

„Но, сѐ до тој момент, ние нашите средства ќе ги трошиме фер и транспарентно, и ќе им ги враќаме назад на студентите“, децидна е претседателката на студентите на УКИМ.

Официјалното отворање на Студентскиот културен центар е планирано за во октомври, паралелно со почетокот на академската 2022/23 година.

sunwin.apk mới nhất game bài sunwin sunwin.apk mới nhất

sunwin.apk mới nhất game bài sunwin game bài sunwin

sunwin web tải sunwin apk game sunwin

sun win

game sunwin sunwin apk sunwin web