Во Скопје официјално претставен новиот Штип Сити Мол. Ова е прва презентација на истиот на која сите потенцијални закупци имаа можност и одблиску да се запознаат со сите детали. Презентацијата ја водеше Васко Давидовски, а на настанот присуствуваше и Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„На мене како Градоначалник на Општина Штип ми од исклучително големо значење да отвориме трговски центар каде ќе има познати брендови, кои ќе го зголемат разнообразието и изборот при купување, ќе ја зајакнат конкурентноста меѓу компаниите и ќе учествуваат во развојот на локалната економија.
Колку ни е поширока палетата на избор, толку ќе имаме позадоволни и посреќни градови, а тоа е мојата визија за Штип!“ – истакна Јорданов.
Инвеститорот на овој проект, Горан Јордев, пак, додаде дека се задоволни од изградениот објект за брзо време и се надеваат дека сите посетители ќе можат да уживаат во истиот.
“Многу сме среќни што успеавме да ја оправдаме довербата и со многу брзо темпо да стигнеме до оваа фаза во која денес веќе со конкретен план и понда можеме да се претставиме пред идните потенцијални закупци. Имаме одличен квалитетен проект односно трговски центар со светски стандарди каде што сите посетители ќе имаат можат да ги извршуваат своите секојдневни потреби и да уживаат во најразличните забавни содржини во срцето на Источна Македонија.“ – додаде Јордев.
Темелите на објектот беа ставени пред точно една година, а изградбата е во завршна фаза. Свеченото отворање ќе се случи наесен 2022 година.
Инаку, објектот е распореден во пет нивоа, кои ќе изобилуваат со содржини од лидерите од секој сегмент на трговско услужниот сектор – модни брендови, спортска опрема, накит и часовници, козметика, ИТ опрема и телекомуникации, аптеки и останати видови содржини како и кафуле за кафе-муабет со пријателите и бизнис средби. Во погорните катови ќе има и ресторани, книжарници, кино-сала, ноќен бар, како и детски катчиња со едукативнозабавен карактер.
Источниот регион ќе го добие најголемиот регионален трговски центар, кој се наоѓа на атрактивна локација во Штип.