После секоја објавена анкета на јавното мислење со години наназад во кои се мери кој за која партија би гласал и колкави се рејтинзите на политичарите, може да се констатира истото: општите рејтинзи се толку мали, што би требало многу да ги загрижи сите оние кои се занимаваат со политика во државава.
Така е и со, деновиве, објавените резултати на ИПСОС (анкета направена по нарачка на најголемата опозициска партија), според кои, доколку утре би се одржале предвремени парламентарни избори во Македонија, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 18,2% од анкетираните, за СДСМ 9,5%, за ДУИ 4,1%, за Левица 4% итн. И тоа беа главните, а и единствени наслови во апсолутно сите медиуми објавени по повод оваа вест.
А, всушност, вистинската вест и од ова истражување е податокот дека речиси 60% од анкетираните, вака или онака – неодлучни, одбиваат да одговорат, нема да гласаат, други – не би гласале за никого од актуелната понуда на партискиот пазар во државава!
Оваа очигледна политичка трагедија од епохални размери се потврдува и со објавените податоци во истото истражување за рејтингот на нашите партиски првенци: Мицкоски има дури 9% поддршка во јавноста, со „убедливо“ водство пред Пендаровски кој добил 6% и Ковачевски со само 4%… Па, барем еден да имаше макар двоцифрена поддршка од потенцијалните гласачи.
Што има тука за славење и опозициски триумф, ви се молам?! Или за лутење и обвинувања (како што експресно реагираше СДСМ) дека анкетата била „лажна“ и дека „не може да ги скрие неработењето и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“?! Тажно.
Всушност, и од ова истражување се гледа дека двајца од тројца гласачи во државава или се тотално незаинтересирани за учество во демократскиот изборен политички систем со постојната понуда на политички актери; или само чекаат да се појави некој нов субјект, со нови предводници коишто, можеби, би го привлекле нивното внимание. Но, каква би требало да биде таа нова понуда?
Да речеме, земете ги двете најчесто наведувани теми кои се однесуваат на довербата во правосудството (што го симболизира поапстрактниот поим за состојбата со правдата во општеството) и борбата против криминалот и корупцијата (што е поврзано со јавното чувство за функционирањето на институциите, редот и казнивоста за злоупотребата на моќта во општеството, што повторно води до концептот за дистрибуцијата на правдата). За тие две теми, од повеќе претходни истражувања на јавното мислење може да се заклучи дека јавноста е одамна уморна од бесконечните „реформи“ кои со децении (!) не даваат очекуван резултат. Јавноста сака реформски пристап што ќе даде опипливи резултати.