Триесетина интелектуалци од повеќе сфери на општеството ја поздравуваат одлуката за прифаќањето на канонското единство на Охриската Архиепископија која беше донесена на 9 мај 2022 година. Преку писмо како знак на благодарност му се заблагодарија на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.
„Со Вашата одлука се поплочува патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици, свештенството и верниците од сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот. Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа. За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието се вели во писмото.
Дополнително, во писмото се наведува дека со примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој се гради одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието.
„Ние веруваме во Вашата мудрост и просветление, како и во мудроста и просветлението на нашиот почитуван и свет Архиепископ г. г. Стефан и на нашите свети архиереи и се надеваме дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на Вселенскиот Патријарх со Охридскиот Архиепископ г. г. Стефан. Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа – пишува во писмото.
Проф. д-р Марјан Ѓуровски с.р. Проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола Академик проф. д-р Вера Битракова Грозданова с.р. Македонска академија на науките и уметностите Проф. д-р Методи Чепреганов с.р. редовен професор во пензија, Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Проф. д-р Цане Мојаноски с.р. редовен професор во пензија, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, поранешен Претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Академик Газанфер Бајрам с.р. Потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите Проф. д-р Зоран Матевски с.р. Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје Генерал Мирослав Стојановски с.р. генерал потполковник во пензија, поранешен началник на Генералштабот на АРСМ Проф. д-р Татјана Стојановска Иванова с.р. Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје Проф. д-р Драган Зајковски с.р. црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја – Скопје Проф. д-р Борче Илиевски с.р. црковен историчар, Институт за национална историја – Скопје Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ с.р. славист, редовен професор во пензија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје Проф. д-р Аспазија Софијанова с.р. Медицински факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје Проф. д-р Ацо Гирески.