Во Штип се роди првото новороденче во новата година. Се роди девојче тешко четири килограми и 200 грама, принова во семејство од Радовиш.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов денеска дојде во Клиничката болница, но остана пред врата. Тој за овој натан информираше и на социјалните мрежи.
„Еден убав настан, се претвори во политичко препукување и реваншизам! Наместо првото новороденче за 2022 година да донесе општа радост и да ги сокрие фрустрациите на Директорот на Клиничката болница, во најлош облик го откри нечовечкото во него. Иако уредно најавени, со одобрение од дежурниот доктор и родилката, со традиционални подароци за првата среќа во нашиот град за оваа година, сепак по наредба на директорот, некултурно и дрско бевме оставени пред вратата на Акушерското одделение. Односно, наместо раководните лица годинава да смислеа како да се заврши Клиничката болница, наместо да внимаваа да не се изгубат парите за неа, очигледно повеќе енергија трошат како да унесреќат уште еден недолжен сограѓанин и во најсветлите моменти за него!“, пишува градоначалникот.
Подароците ќе бидат доставени до родилката.
Директорот на Клиничката болница, пак, Ален Георгиев, повеќе информации најави за утре.