Индексот на цените на храната за цела 2021 година во просек изнесуваше 125,7 поени, што е за 28,1 отсто повеќе од претходната година, се наведува во извештајот на ФАО.
Пандемијата и сè понеизвесните климатски услови оставаат малку простор за оптимизам за враќање на постабилни пазарни услови во 2022 година, велат од ФАО.
Глобалните цени на храната благо паднаа во декември бидејќи меѓународните котации за растителни масла и шеќер значително се намалија од високите нивоа, но тоа не е голема утеха, бидејќи цените на храната се зголемија за повеќе од 28 отсто на годишно ниво минатата година, се вели во најновиот извештај на Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната, пресметан од ФАО, во декември во просек изнесуваше 133,7 поени, што е за 0,9 отсто помалку во однос на ноември, но е за 23,1 отсто повисок од декември 2020 година.
„Иако високите цени на храната имаат тенденција да го поттикнат производството, високите трошоци за влез, моменталната глобална пандемија и сè понеизвесните климатски услови оставаат малку простор за оптимизам за враќање на постабилни пазарни услови во 2022 година“, рече Абдолреза Абасијан, висок економист во ФАО.
Цените на житото се зголемија во просек за 27,2 отсто минатата година, достигнувајќи го највисокото ниво од 2012 година, при што пченката скокна за 44,1 отсто, пченицата 31,3 отсто и оризот 4,0 отсто.
Цените на растителните масла достигнаа највисоко ниво во историјата во 2021 година, пораснаа за 65,8 отсто во споредба со 2020 година.
На годишно ниво, пак, лани цените на шеќерот пораснале за 29,8 отсто, на највисоко ниво од 2016 година.
Котациите за месо останаа главно стабилни во декември, но се зголемија за 12,7 отсто во 2021 година во споредба со претходната година. Млекото минатата година во просек за 16,9 отсто било поскапо од 2020 година.