За претседателот Стево Пендаровски е прифатлив предлогот на бугарскиот премиер Кирил Петков, историјата да не биде единствениот фокус на разговори, но смета дека спорот може да се надмине и побрзо од временскиот рок што го даваат бугарските власти од 6 месеци.
– Мене ми е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние, како две соседни држави, комуницираме. Да разговараме за инфраструктура, за енергетика, за економија, за трговска размена, за европски интеграции, за човекови слободи и права, но секако не да разговараме за тоа што се случило пред 3 или пред 5 века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам. Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период“ изјави шефот на државата Пендаровски.
Нема безбедносна закана за земјава, ако извесен период во иднина не добиеме датум за преговори и ако останеме во чекалната на ЕУ подолг временски период, изјави претседателот Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес конференција со косовскиот хомолог претседателката, Вјоса Османи.
„Ова ви го кажувам со сета одговорност на функцијата која ја извршувам во моментот, затоа што ги имам сите релевантни разузнавачки и безбедносни информации, ако извесен период, во иднина, не добиеме датум за преговори и ако спорот со Бугарија не биде разрешен и останеме во ситуација во која ќе чекаме во чекалната на ЕУ подолг временски период, јас не верувам во тоа, но ако се случи, ве уверувам дека ниту денес има такви податоци, ниту утре може да дојдат такви податоци кои ќе укажуваат на безбедносна дестабилизација на Р. С Македонија“, рече Пендаровски.