Претседателот на Граѓанско Демократска Унија- ГДУ, Петар Колев бара и Бугарите во Македонија да бидат вклучени во преговарачкиот процес со Бугарија.
„Гарантирање во Уставот на рамноправност на македонските Бугари, но и нејзино спроведување во реалноста е клучот кон решавање на отворените прашања. Убеден сум дека таков чекор ќе ја врати довербата, ќе даде нов импулс на односите. Тоа ќе ја отвори и можноста за вклучување на Бугарите во македонскиот државен систем, нивно претставништво во институциите на системот, зошто да не и нивно вклучување во преговарачкиот процес од македонска страна. Кој подобро би можел од македонските Бугари да ја убеди Софија дека нашата држава заслужува почеток на преговори?“, пишува Колев на Фејсбук.
Во Софија денеска ќе се одржи третиот состанок на четвртата работна група за билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.
На состанокот ќе учествуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски.
– Во рамките на денешната средба е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои: Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година, Програма меѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година, Меморандум за соработка во областа на младите и спортот, како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност, наведоа од Министерството за култура.