Новиот бугарски премиер Кирил Петков се чини дека сака да воспостави „бизнис-пристап“ во односите со Северна Македонија, оценува европското издание на „Политико“.
Откако потсетува дека бугарското вето ги зголеми фрустрациите и на Балканот и во Брисел каде што се тврди дека официјална Софија го поткопува кредибилитетот на ЕУ и остава вакуум за влез и влијание на Русија, Турција и Кина во регионот, порталот вели дека новата бугарска Влада не планира да се откаже од барањата што се однесуваат на историскиот спор со Македонија. А премиерот Петков изјави дека негова цел е поширок дијалог и економска соработка за подобрување на односите.
„Пристапот е засилување на постојните позиции“, пишува „Политико“ и потсетува дека Петков најави работни групи кои ќе работат на односите „многу напорно во наредните шест месеци“, но одбива да каже краен рок за процесот.
„Не верувам дека која било влада сега може да излезе пред народот и да каже ‘во ред, заборавете ги сите проблеми, ајде да потпишеме договор‘, бидејќи таа влада веднаш ќе падне“, вели Петков.
Наместо тоа, се додава, целта е да им се покаже на луѓето зошто соработката е важна преку средби на извршните директори на бугарски и македонски компании и создавање врски.
„Сакам да можам да летам од Софија до Скопје директно, не сакам да летам преку Виена. Сакам да ја имам првата железничка врска, ако е можно – барем планот за тоа. Сакаме да имаме заеднички културен календар“, изјавил Петков меѓу другото за „Политико“.