По повод Светскиот ден на водите, 22 Март, во Делчево се одржаа низа настани во рамките на Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, финансиран од Швајцарската Влада и Министерството за животна средина

Целта на активностите кои се во организација на Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“ и Проектниот тим, е подигање на свеста на населението за прашањата поврзани за водата, промоција на Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, како и мотивирање на граѓаните за совесно однесување со водата и природните ресурси.

Јулијана Лапевска, претставник на Проектот, додаде дека настаните се конципирани така што преку игра или уметничко ликовно творење да се потенцира значењето на водата.

– Во спортскиот дел, 32 натпреварувачи од двете основни училишта трчаат штафетна трка носејќи сад со вода, а победник е екипата која ќе сочува поголем дел од водата во садот. Исто така, талентирани ученици создаваат ликовни творби на тема „Вода за живот“. Обезбедени се награди за победниците, а водено, денеска ќе се доделат и наградите за најдобри фотографии на конкурсот кој беше објавен претходниот период, истакна Лапевска.

Директорот на ЈКП „Брегалница“ од Делчево, Стојче Стојковски, го истакна значењето од реализацијата на Проектот, кој е со вкупна вредност од 7,3 милиони швајцарски франци и кој треба да го подобри квалитетот на услугите на претпријатието.

-Со цел на подобрување на услугите на ЈКП „Брегалница“ во тек е реализација на проектот. Во тек се градежни работи во с. Габрово и во с. Ѕвегор за комплетна замена на водоводната инсталација и подобрување на квалитетот на водата за пиење, исто така, градежните работи се во тек за поставување фотоволтаична централа, како и изградба на пречистителната станица, но и на други придружни објекти, нагласи Стојковски.

Денешниот ден, 22 март од 1993 година со одлука на ООН се одбележува како Светски ден на водата со цел да се подигне свеста за значењето на водата како ресурс кој е клучен за животот и социоекономскиот развој, здравите екосистеми и за самиот опстанок на човекот.