Судскиот совет ѝ ја изрече најтешка санкција на судијката Кичеец за нестручно и несовесно постапување во судскиот процес против српскиот турист Бојан Угреновиќ. (Фото: СДК.МК)
Судскиот совет денеска ја разреши од функцијата судијката Весна Кичеец од Основниот суд Охрид и ја оддалечи од работното место, поради што веќе таа не смее да се појави во судот, и покрај што има право на жалба.
Ваквата најтешка санкција на Кичеец ѝ била изречена за нестручно и несовесно постапување во судскиот процес против српскиот турист од Краљево, кој на 1.01.2016 година на новогодишната прослава го претепа до смрт младиот охриѓанец Димитар Матилоски.
Откако го убил со ќотек Матилоски, туристот Бојан Угреновиќ се вратил во кафе барот и продолжил да слави.
Набргу Угреновиќ беше уапсен и притворен на барање на Охридското обвинителство. Но, постапката ја развлече судијката Весна Кичеец која денеска беше разрешена поради тоа. Таа судењето го развлечка до истек на законскиот максимум за притвор, по што таа го пушти српскиот државјанин на слобода.
Веднаш штом излезе од притвор, Угреновиќ избега од Македонија, а Кичеец потоа го судеше во отсуство.
За нестручно и несовесно вршење на судиската функција, денеска е разрешен уште еден судија, а друг има дисциплинска мерка.
Од она што го дознаваме неофицијално, заостанати предмети за разрешување на судии Судскиот совет има многу малку. Меѓу тие е и поранешната в.д. претседателка на Основниот суд Скопје 1 Тања Михајлова, која дојде на местото на Владимир Панчевски во 2016 година. Неа Судскиот совет не може да ја донесе на седница оти постојано вади и испраќа лекарски уверенија дека е болна.
Министерот за правда Бојан Маричиќ преку објава на својот фесјбук-профил ја поздраваи одлуката на Судскиот совет за разрешување судија поради нестручно инесовесно вршење судска функција.
„Филтрацијата во судството започна. Ја поздравувам последната одлука на Судскиот совет за разрешување судии кои ја попречувале правдата. Само на овој начин ќе се врати довербата во системот. На нашите граѓани им ветивме правда и правда ќе има“, напиша Маричиќ.
По информацијата дека Судски совет ја рарзрешил судијката од Охрид Весна Кичеец поради несовесно и нестручно постапување во случајот со убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски, тв 24 побара побара став на што се должат пропустите. Судијката Кичеец вели дека не и се верувало на информацијата и најави жалба до Врховниот суд против разрешувањето.
„Искрено не можам да поверувам во информацијава. Секако дека ќе вложам жалба. За Ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина, цените сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати.“ – изјави за тв 24 судијката Кичеец.
Инаку 27годишниот Димитар Матиловски беше убиен на новогодишната ноќ во 2016 пред кафебарот „Табана“ во центарот на Охрид. За убиството се гони српскиот државјанин Бојан Угреновиќ кој тогаш бил турист во Охрид и го претепал Матиловски до смрт. Во меѓувреме, Угреновиќ избега од Македонија