Познати бизнисмени на големо инвестираат во производството на струја

Се повеќе познати бизнисмени се одлучуваат да влезат во производството на електрична енергија, дејност која со „зелената агенда“ станува популарна во овој период во земјата.

Тоа го потврди и сопственикот на „Никоб“, Кирил Лазаров, кој со Артек Биоенергија, стартува на крајот на март во Демир Капија. Тој рече дека станува збор за проект со биогасна централа од 4 мегавати, втора по големина во земјата, и соларен парк од 10 мегавати на едно место.

– Биогасната централа сама по себе значи зелена енергија, зелена агенда и сите тие работи се вклопуваат во новите времиња. И соларната енергија е исто така популарна во моментов. Многу од бизнисмените што ги знам, што имаат слободни пари, веќе почнаа да инвестираат во тој сегмент, рече неодамна Лазаров во емисијата „Утрински брифинг“.

Симеон Крстев, татко на познатиот струмички бизнисмен Горан Крстев, во изминатиот период станува управител на новоформирана компанија Енерџи Холдинг, а потоа и на веќе основаната Центрохелиум. И двете друштва се со дејност производство на електрична енергија.

Јордан Ристовски, поранешен директор на Табак Осигурување и ликвидатор на Македонија Табак 2000 и Мт Доо Штип, е еден од сопствениците на новорегистрираната компанија за производство на струја ВАТ Енерџи.

Мишо Веселински,, бизнисмен најмногу познат по мермерот и по удели во неколку други дејности, е еден од основачите на Солис Фундус, компанија исто така за производство на електрична енергија во Скопје. Подоцна сопственик на оваа фирма станува познатиот бугарски бизнисмен од областа на телекомуникациите, Паун Иванов.

Во прилог на зелената агенда што во моментов е присутна како транзиција во земјата оди и тоа што во моментов од шест стратешки инвеститори на Владата, пет се поврзани со изградба на проекти за производство на електрична енергија.

ИЗВОР ФАКТОР.МК