Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во врска со претстојниот штрајк на градинките и училиштата кој го најави СОНК доколку не најде договор со Владата за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
Министерката Тренчевска истакна оти се надева на договор помеѓу засегнатите страни до 11 април, за кога е најавен штрајкот во градинките и училиштата, но, вели, и доколку не биде постигнат договор и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат.
-Се надевам дека ќе има договор до 11 април, меѓутоа и согласно Законот за детска заштита градинките мора да ги згрижат дечињата кои што се дојдени овде. Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени,изјави министерката во одговор на новинарско прашање по отворањето на детска библиотека во ЈОУДГ „Буба мара“ – објект „Пчелка 1“.
Директорката на градинката, Елена Устамитова, истакна дека дијалогот по однос на ова прашање сè уште трае и оти се чека известување од СОНК за евентуалното одржување на штрајкот.
Таа истакна дека и да има штрајк ќе ги искористат сите ресурси за воспитно образовниот дел да не застане.
Новата рунда преговори меѓу Синдикатот за образование и наука (СОНК) и Владата се очекува да се одржи денеска, а како што објави директорот на СОНК на својот фејсбук-профил преговорите ќе продолжат во 18 часот во просториите на Министерството за финансии.