Проф. д-р Спироски: Дијабет тип 2 се јавува и кај осумгодишни деца, детската дебелина е ризик фактор

Детската дебелина е еден од главните ризик фактори за појава на мноштво болести. Ако на пример, дијабет тип 2 во минатото се јавувал околу 40-тата година од животот, таа граница денеска е прилично спуштена, па дијабет тип 2 се јавува и кај деца на осум или десетгодишна возраст. Институтот за јавно здравје објави труд во кој се анализирани промените на тежината кај седумгодишните деца во Северна Македонија, во периодот од 2010 до 2019 година, а според наодите во документот, зголемената телесна тежина кај седумгодишните деца значајно пораснала од 34,4 отсто во 2010 година, на 37,3 отсто во 2019 година.

За овие наоди, како и за тоа, што треба да се прави во однос на подобрување на состојбата со детската дебелина, зборуваме со проф. д-р Игор Спироски, специјалист по хигиена и здравствена екологија и раководител на одделението за исхрана и здравствено-хигиенски прегледи во Институтот за јавно здравје.

Според последните наоди забележан е тренд на зголемување на бројот на деца кои се дебели. На што се должи ваквиот тренд?

Трендот се должи на две нивоа, првото е однесувањето на децата и второто се политиките што државата ги спроведува за намалување на детската дебелина. Однесувањето на децата и околината во која што живеат, однесувањето на нивните родители и однесувањето во школската средина, тоа е едната причина. Таму доколку немаме подобрување не можеме да очекуваме подобрување во преваленцата на детска дебелина. А втората причина, е целата ситуација во однос на мерки кои се спроведуваат на национално ниво, коишто би биле обврска на носителите на одлуки, а коишто во Македонија не се на она ниво на кое што би требало да бидат и засега не ги следат европските и светските трендови.

До кои болести може да доведе детската дебелина?

Детската дебелина е еден од главните ризик фактори за голем број на незаразни болести, како што се кардиоваскуларните болести, болестите на ендокриниот систем пред се дијабетот, и некои видови карциноми се поврзани со исхраната и со состојбата на зголемена телесна тежина и дебелина. Таа е ризик од предвремена појава за некои состојби. На пример ако дијабетот порано, се јавуваше околу 40-тата година, зборуваме за дијабет тип 2, тогаш таа граница сега е прилично спуштена, и гледаме случај на дијабет тип 2 и кај деца од 8 години, од 10 години, од 12 и т.н. Состојбата на добар нутритивен статус би го спречило предвременото јавување на тие болести.

Во оваа насока, што би ги советувале родителите, но и оние кои се задолжени за исхраната на децата во училиштата, бидејќи добар дел од времето поминуваат токму таму?

Родителите, да ги советуваме прво да ги прифатат патеките на однесување коишто нема да промовираат дебелина. Затоа што треба да бидат свесни дека како се однесуваат тие, така се однесуваат и нивните деца. До еден период децата не можат сами да носат одлуки, туку го следат тоа што го прават родителите. А во однос на училиштната средина, каде што најмногу може да се делува, би препорачал следење на актите коишто веќе се донесени, коишто веќе ги има донесено Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Институтот за јавно здравје срдечно помагаше да се донесат тие акти, правилници за стандардите на оброците и во градинки и во основно училиште, така што доколку ги следиме нив, мислам дека ќе ја подобриме ситуацијата. А надвор од училиштата, во заедниците во градовите во локалните средини и таму има многу што да се направи, така што тоа е веќе следно на кое треба да се фокусираат носителите на одлуки.

Последните наоди на кои работевте покажуваат зголемување од три проценти на просечната преваленца на детска дебелина. За што станува збор?

Македонија веќе 10 години учествува во иницијативата за следење на детската дебелина на Европското биро на Светската здравствена организација. И ние направивме пресек на ситуацијата за овие 10 години, една сме од земјите во Европа, не се тие малку, меѓутоа не се ни многу, коишто имаат зголемување во тој просек десетгодишен на следење на детската дебелина. Од 34, на 37 отсто ни е покачена просечната преваленца на детска дебелина. А тоа покачување пак, најмногу се должи, тоа е интересен податок, на зголемувањето на преваленцата на зголемена телесна тежина и дебелина кај девојчињата. Значи кај нив е значајно зголемувањето, тоа и во еден труд ние го докажавме. А кај момчињата е некако стабилизирано, меѓутоа кај девојчињата имаме значајно зголемување и тоа е би рекол поттикот за да имаме такво зголемување за овој десетгодишен период.