ПРОФЕСОРОТ СЛАВЕСКИ СО КРАТОК РАСКАЗ ОДГОВАРА НА КРИТИКИТЕ: НЕ Е ТОЧНО ДЕКА СУМ ПРОТИВ ВИСОКИ ПЛАТИ НА РАБОТНИЦИТЕ, СО МОЈАТА ЧЕСНА РАБОТА КАКО МИНИСТЕР СУМ ПОКАЖАЛ КОЛКУ СЕ ГРИЖАМ ЗА ГРАЃАНИТЕ, ЗАГРИЖЕН СУМ ДЕКА ОДИМЕ КАКО ДРЖАВА КОН БАНКРОТ И ДЕКА СРЕДНАТА КЛАСА Е ДОВЕДЕНА НА ПИТАЧКИ СТАП

Мица е хигиеничарка во основно училиште. Живее во едно од скопските предградија. Куќичката што беше дивоградба до пред десетина години е веќе легализирана. Во право бил сопругот Бошко, возач во Градски, кој пред две години се одлучи да дигне уште еден кат „на диво”. Сфати дека во оваа држава на секои три-четири години се легализираат сите дивоградби. Таа го предупредуваше да не влегува во ризик инспекциите да им го урнат катот, а него да го казнат. И, згора на тоа, скапотија е. Да не е бавчата и тоа што Бошко подработува на црно, кај ќе им биде крајот?

Мица чесно си ја врши работата. Особено е среќна што неколку од наставниците во училиштето ѝ го знаат името и редовно ја поздравуваат. Понекогаш и ќе ја прашаат како се дома. Омилена меѓу наставничките ѝ е Бети што предава мајчин јазик. Чувствува некоја топлина кога пред сите во ходник ќе застане со неа и ќе направи муабет. Често барала совет од Бети за „женски работи”. Бети со сопругот дури им имаат дојдено на куќна слава. Мица не останува должна – понекогаш ќе ѝ донесе торба со домашен зеленчук или тегла од зимницата. А оние неколку наставнички-прчли кои поминуваат покрај неа како таа воопшто да не постои, тие од „големото добрутро”, ако, нека им биде!

Наставничката Бети е со Филозофски факултет. Пред некој ден наполни 40 години. Во училиштето работи над 15 години. Дете е на просветни работници. И двајцата прерано починале. Таа живее во учителската зграда во центарот на градот во стан наследен од родителите. Сите ја знаат како Бети и ретко кој ја знае тајната на нејзиното име. На денот кога се родила Бети кралицата Елизабета славела 30 години од преземањето на тронот во островската земја. Сопругот на Бети е раководител на одделение во едно министерство, државен службеник. Вреден и посветен на работата, често останува на работа и по завршување на работното време, особено кога се подготвува буџет, ребаланси и кога се наметнуваат други итни и неодложни задачи. Со двете плати се живее некако. Пијателката Мица често ги сожалува затоа што се постојано „на купечко“ за сé и сешто.

Утрово Мица со уште поголем елан дојде во училиштето, да си го заврши својот дел од работата пред да дојдат учениците и нивните наставници. Беше среќна што синоќа владата, под притисок на синдикатот, одлучила да ѝ ја зголеми платата за цели две и пол илјадарки. Се прегрнаа со колешките и набрзина си се напија кафе. Го немаше Божин хаус-мајсторот. Земал боледување и тврдел дека има Ковид. Му закажале тестирање за десет дена на државно. Малку им беше сомнителен, затоа што беа сигурни дека тој прележа пред месец дена, го немаше да му честитаат именден. А синоќа на една од нив налутено ѝ се пожалил дека ќе си бара друга работа. Повеќе му се исплатело, велел, да работи „на црно“ и не можел да се помири со фактот што платата му ја изедначиле со „метларките“ како што често, божем на шега, ги нарекуваше своите колешки чиешто кафе со задоволство го сркаше на паузите.

Чистачката Мица почувствува некоја нелагодност кога утрово започнаа да пристигнуваат наставниците во училиштето. Сите беа некако со намуртени лица и нервозно коментираа нешто околу платите. Ретко кој ја поздрави. Наставничката Бети рекла дека ќе задоцни на првиот час – откажал акумулаторот на семејниот автомобил што го добија на подарок после свадбата пред 16 години. Беше возен неколку години и пред тоа, но служеше барем до утрово. Стигна некако на работа пред завршување на првиот час. Мица со нетрпение ја чекаше за да ја почести со голема тегла ајвар, додека има сѐ уште од ланскиот. Искоментираа дека ајварот на Мица е многу повкусен од оние кои се продавале по пет евра во Веро во мали теглички. На Милан на Мица, нека е жив, кога ќе се врати од фудбал не му стигнува една таква тегла со скоро векна леб.

Мица забележа дека Бети е некако нерасположена, но не ја чепна, затоа што се надеваше дека ќе ѝ се поврати ведриот дух до крајот на работниот ден. Ќе ја расположат часовите и учениците кои неизмерно ги сакаше. Не случајно на два пати беше прогласувана за најдобар просветен работник во општината и еднаш во градот, а минатата година за малку не доби и републичка награда. Којзнае дали беше заслужено наградата да ја добие колешка од една општина од западниот дел од земјата. Можеби одлучиле „по клуч“, се тешеше.

На големиот одмор се почувствува некоја раздвиженост кај наставниците. На Бети по мајчин јазик не ѝ било добро и ги ослободила учениците десетина минути пред да заѕвони училишното ѕвонче. Неколку пргави девојчиња од класот му пренесоа на директорот дека на почетокот од часот им кажала во себе да читаат лекција од учебникот, а таа застанала покрај прозорецот и цело време гледала некаде во далечина. Машките од задните клупи, како и обично, правеле авиончиња од хартија и ги задевале ученичките. Девојчињата не можеле а да не забележат дека нивната наставничка Бети тивко плаче. Заштитната маска и била натопена со солзи. Колешките ѝ предложиле да оди дома и дека ќе ја заменат до крајот на денот. Но, сепак, биле љубопитни околу тоа што ја мачи нивната омилена колешка.

Подоцна разбраа, а некој ѝ пренесе и на загрижената чистачка Мица, пријателката на Бети, дека учителската зграда во која живее Бети со семејството, градена пред Земјотресот, сериозно напукнала и станува небезбедна за живеење. Таму живеат триесет семејства. Пред некоја година со сопствени средства го реновираа покривот, а минатата година откако едвај собра пари од соседите, го променија и лифтот. Се обратиле до општината за помош за санација на зградата, но од таму им кажале дека становите се приватен имот и дека треба самите да си ја средат работата. Еден од соседите, пензиониран професор од Градежен факултет, ценел дека секое семејство ќе треба да издвои најмалку по 7-8 илјади евра. Од каде? Ова ја мачело Бети, а не тоа што чистачката Мица, како што тргнало, може наскоро да ја стигне со платата.

Откако малку се созеде, Бети им кажа уште нешто на колегите во канцеларијата за наставници кои, со дозвола на директорот, одлучија да го продолжат големиот одмор. Непосреден сосед на катот во учителската зграда да ти бил поранешен професор во пензија од ПМФ, пријател на оној професорон од Економски којшто често укажува дека платите не требало вештачки да се зголемуваат. Оној де, ако се сеќавате, беше министер во златните години од 2006. до 2009. кога немаше законски утврдена минимална плата и не се вршеше нејзина злоупотреба во политички цели. Е тој, го виделе деновиве како замислено шета по улици. Го пцуеле и му се заканувале партиски загари. Едни прашуваат што му требаше сега ова, други се прашуваат што го спопадна, како може да се противи на зголемување на минималната плата во оваа скапотија, крај со крај не може да се врзе. Трети се загрижени дека нанесува штета на партијата во чиј ИК членува, а четврти, пак, што го следат низ годиниве, се прашуваат себе си и нему блиските, со доза на загриженост, што ги очекува.

Сопругот на Бети го познава како коректен и чесен министер од времето кога раководеше цели три години со истото министерство. Некои веруваат во неговите анализи и ставови за економските и финансиските прашања. Се зборува дека на Велигден 1992-та година, како член на владиниот тим за монетарно осамостојување, цел ден поминал во македонското Собрание гладен, подучувајќи ги пратениците да ги прифатат предложените закони со кои се воведе денарот и Антиинфлаторната програма, која ја подготви заедно со уште двајца колеги од факултет, со што се овозможи денарот да не стане безвредно парче хартија за само неколку недели во времето на хиперинфлацијата што беснееше.

Соседот на Бети, професорот во пензија од ПМФ, исто така се чудел од каде ќе обезбеди толку пари за санација на зградата. Знае често да се консултира со својот колега професор од Економски, тој де, истиот за кој ви кажувам, за прашања од економијата и финансиите. Малку бил чуден економистот во последно време. Не криел дека, ако вака продолжат работите, кон крајот на оваа или некаде од наредната година Македонија повторно ќе падне во прегратките на ММФ. Му било криво затоа што во негово време во 2007 година им кажавме збогум на стенд бај аранжманите со ММФ и започнавме да водиме самостојни економски и финансиски политики. Се плашел, велат, дека ММФ можел, исто како и Грција во 2012-2014 година, да нѐ натера да ги намалиме платите и пензиите за 30%.

И уште нешто. Се сеќаваме дека поранешниот министер повеќе пати излегувал на телевизија да ја смирува јавноста кога ќе се раширеле шпекулации за макроекономската стабилност, кога штедачите чувствувале загриженост за своите заштеди. Кога овие денови му го поставувале истото прашање некои луѓе, молчел и ја менувал темата.

За среќа, наставничката Бети малку се поврати. Не знае како, ама некако ќе ги одржи преостанатите три часа до крајот на работното време денес. Мица ѝ вети дека утре ќе ѝ донесе домашно слатко од кајсии. Чувствувајќи по малку грижа на совест, ѝ сугерираше дека можеби треба да штрајкуваат. Ако нејзе ѝ е срам наместо со учениците кои неизмерно ги сака да им се придружи на згоените синдикалци на улиците и плоштадите, нема проблем, Мица ќе штрајкува во нејзино име. Што се замислуваат тие? До кога вака?!

game sunwin

tải sunwin sunwin sunwin apk

sunwin

sunwin club sunwin game bài sunwin

tải sunwin