Почитувани граѓани,
Во пресрет сме на уште еден 7 Мај – Ден на македонската полиција, кој годинава решивме да го направиме малку поразличен од претходните.
Прво, за да бидеме во контекст на концептот што го развиваме „Полицијата во служба на граѓаните“, годинава едноставно сакаме да бидеме поблиску до граѓаните“…
Второ, не можеме да зборуваме за соработка меѓу локалната заедница и полициските службеници ширум државата, ако тоа партнерство не го промовираме на терен, меѓу другото и како начин на кој нашите граѓани одблиску ќе се запознаат со полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема.
И конечно, покрај тоа што МВР секојдневно го прави за граѓаните и нивната безбедност, овојпат, користејќи го убавиот повод – во пресрет на Денот на полицијата, МВР за граѓаните во неколку градови низ државата организира дружење, релаксирани, но и поучни моменти, можности за запознавања со полициската професија, но и нови пријателства, за сите генерации без исклучок, затоа што сите граѓани ни се важни!
Така, одбележувањето на 7 Мај ќе започне на 27 април во Радовиш, кога ќе биде промовиран 73.реконструиран објект – објектот на ОВР Радовиш.
На 30 април, во сабота, половина час после пладне, во Струмица – пред Домот на АРМ, во Крива Паланка – на Градскиот стадион, во Велес – во Младинскиот парк, во Струга – на Машка плажа парк и во Крушево – на Гумење, жителите на овие градови, но и сите посетители од околните места, ќе можат да се дружат со полициските службеници од сите единици, да се запознаат со полициската професија, но и нивната опрема, а за музичко освежување на граѓаните ќе се погрижат музичките пријатели на МВР.
На 5 мај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе ја отвори Регионалната конференција на директори на полиции, а ден потоа, на 6 мај, МВР ќе реализира крводарителска акција во чест на Денот на македонската полиција. Истиот ден е закажана и промоцијата на монографијата „МВР за граѓаните“.
Чествувањето на 7 Мај, пак, ќе започне со положување на цвеќе на спомен обележјата на загинатите припадници на полицијата, додека централната манифестација за одбележување на Денот на полицијата годинава ќе се одвива на Градскиот плоштад во Делчево, со почеток од 12.30 часот, која нашите граѓани од целата држава ќе можат да ја проследат во живо на програмата на МРТВ.
МВР за граѓаните во чест на 7 Мај – Денот на македонската полиција!