Вечерва, присуствував на свечената премиера на документарниот филм за монашкото секојдневје и историјата на Бигорскиот манастир „1000 години Сведок на Светлината“, во контекст на милениумскиот јубилеј – 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
Во 2020 година, Бигорската обител го одбележа своето илјадалетие од основањето во 1020 година, а документарецот „1000 години – Сведок на светлината“ е вистинско заокружување на ова чествување, како јасен и опсежен приказ на монашкиот континуитет низ вековите, на аскетскиот живот на монасите од Бигорски манастир исполнет со молитва, со Божјата реч во слободата Христова, кој за световниот човек отсекогаш претставувал едно посебно, дури и мистично дејство на Божјата благодат. Бигорскиот манастир сам за себе е приказна за едно светилиште кое зрачи со својата убавина, а љубовта којашто живее, енергијата којашто извира од Братството, всушност, претставува исконски и градбен елемент на Бигорската вера, која дотолку повеќе ја дополнува грандиозноста на манастирот.
Документарниот филм, на кој е потпишана Кат продукција, претставува сведоштво за живоста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Го препорачувам секому којшто е заинтересиран за нашето минато, за историографијата на манастирот, за црковната уметност и современата дејност на монашкото братство.