Раководните лица кои не го испорачале она што го очекувале граѓаните, не треба да очекуваат некој да ги смени, туку сами треба да си заминат, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економските сектори Фатмир Битиќи.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата, Битиќи рече дека следната недела почнува процесот на дефинирање на директори во третиот ешалон.
Деновиве, според него, треба да бидат испратени до Собранието и предлозите за заменици-министри.
Тој на денешната прес-конферениција на која го презентираше мандатното писмо со кое го задолжил премиерот, рече дека продолжува борбата за секое работно место и за креирањето на нови работни места. Ги повика сите чинители на општеството – синдикатите, коморите и експертите заеднички да работат на креирање на платформа за економски развој на државата со која ќе се обезбеди подобар живот за сите граѓани.