САД во изјава за Гласот на Америка побара од Европската Унија да не ја одвојува Македонија од пакетот со Албанија во отпочнувањето на преговорите, можност што беше спомената од привремената бугарска влада претходно.
Стејт департментот смета дека е клучно Европската Унија да се придржува до нејзините заложби, а тоа значи да ги отвори пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија, без одложување.
Ова за Гласот на Америка го изјави портпарол на Стејт департментот на прашањето дали САД поддржуваат одвојување на Албанија и Македонија на европскиот пат, по најавите на бугарската Влада оти е подготвена да даде зелено светло за Албанија, а не и за Македонија.
„И Албанија и Северна Макеоднија донесоа тешки, суштински реформи, и двете заслужуваат да напредуваат на нивниот пристапен пат кон ЕУ“, гласи ставот кој го пренесува гласноговорникот.
САД не одговара конкретно дали се планира да се воведат санкции кон Бугарија доколу земјата ја задржи истата позиција и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември во Брисел, освен дека „непотребни одложувања го обесхрабруваат целиот регион“.
„Охрабруваме решение на ќорсокакот што е можно побрзо за да се поттикне напредок на потребните реформи и економски развој на регионот на Западен Балкан. САД остануваат одблизу ангажирани со нашите европски партнери во однос на ова прашање“, се вели во изјавата од Стејт департментот.