СДСМ: Мицкоски и Левица се анти НАТО и анти ЕУ коалиција

Предлогот на француското претседателство е јавно објавен и граѓаните јасно можат да видат се. Она што е клучно е тоа што се вградени нашите ставови и забелешки, имаме чист македонски јазик во ЕУ, македонскиот идентитет е заштитен целосно, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, велат од СДСМ по објавувањето на модифицираниот француски предлог и синоќешниот протест пред Влада.

-Вчера, Мицкоски отворено пред целата јавност призна дека е против интеграција во Европската унија.

Со таквото негово признание Мицкоски потврди дека никогаш не бил за членство на државата во ЕУ, дека свесно и намерно ги правел сите блокади и опструкции кои ја оддалечуваа државата од интеграција во ЕУ.

Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега.

Заедничкото делување со проруската инсталација Левица покажува дека ова е делување на анти НАТО и анти ЕУ коалиција.

Ништо ново не се деструкциите, блокадите, обидите за нови поделби од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие секогаш биле препознавани и поразувани од граѓаните и така ќе биде и сега, велат од СДСМ во соопштение за јавноста.