Шахпаска: Малиот групен дом во Берово е успешна приказна за децата без родители и родителска грижа

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска беше во посета на малиот групен дом (МГД) во Берово, кој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки. Стручните профили на едукаторите се: специјален едукатор и рехабилитатор, социјален работник и одделенски наставник.

„Малиот групен дом во Берово функционира како куќа на децата со нивните едукатори и негователи, во вид на семејно опкружување, и остварува соодветна квалитетна грижа за децата надвор од нивните биолошки семејства. Крајната цел на работата со децата од Мал групен дом е изградба на општествено корисна личност која ќе биде целосно социјализирана и интегрирана во општествените текови на модерното живеење. Оваа цел пред се се остварува со долг, стабилен и топол однос од страна на едукаторите кон корисниците и континуирано работење и следење на децата“, истакна министерката Шахпаска.

Значењето на улогата на стручните лица во групниот дом е голема. Се посветува особено внимание на градење на добар меѓусебен однос помеѓу децата и на релација едукатор – дете. Преку индивидуална работа се поттикнуваат талентите на децата и се откриваат нивните интереси, се детектираат и се работи на отстранување на пропустите од интелектуален и емоционален катактер. Истовремено , се создава чувство на припаѓање и заедништво, а во таа смисла се организираат заеднички посети на културни манифестации во градот и пошироко, како и учество на спортско-рекреативни активности.

„Малиот групен дом , како вонинституционална форма на згриживање на деца без родители и родителска грижа, се покажа навистина успешен. Продолжуваме со деинституционализацијата како процес и кај лицата со попреченост во форма на живеење со подршка“, рече министерката Шахпаска.