Синдикалната кошничка месецов зголемена за 770 денари од декември, информира ССМ

Во синдикалната кошничка најголемо учество со над 15 илјади имаат храната и пијалаците, со над 11 илјади учествуваат трошоците за домување, а најмал удел од 745 денари во синдикалната кошничка има одржувањето на здравјето

Минималната синдикална кошничка за јануари годинава изнесува 35 811 денари и е зголемена за 770 денари во споредба со декември минатата година, информира Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во синдикалната кошничка најголемо учество од 15 317 денари или 42,77 отсто имаат исхраната и пијалаците, со 11 447 денари, односно 31,97 отсто учествува домувањето, хигиената е застапена со 6,74 отсто или 2 415 денари, превозот со 2 652 денари, односно 7,41 отсто, облека и обувки со 2 165 денари или 6,05 отсто, култура 1 067 или 2,98 отсто и одржување на здравје со 745 денари, поточно 2,08 отсто.

„Најголем пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај централното греење за домаќинствата за 14 отсто, електричната енергија за домаќинствата за 9,4 отсто. Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај кафето, чајот, какаото за 4.3 отсто, рибата за 3,5, свежото и разладеното овошје за 3,4, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2,5 отсто“,велат од ССМ.

Овие бројки, според ССМ, покажуваат дека е оправдано нивното барање за зголемување на минималната плата на 18 000 денари и скалесто на сите останати плати.

Синдикалната кошничка ги определува минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство на месечно ниво.