Со автобусот се превезувале 52 патника, а од настанатата сообраќајна незгода и пожарот кој што настанал притоа, настрадале 45 лица, додека седум лица успеале да го напуштат автобусот и биле пренесени во клиниката „Пирогов“ во Софија.
МВР прави контрола на документите кои лицата и возилата е потребно да ги имаат при преминување на државната граница, односно патни исправи и лични карти за патниците, а за возилата припадниците на МВР ги контролираат сообраќајната дозвола и зелениот картон, додека контролата на лиценците за автобуски превоз на граничните премини е во надлежност на Царинската управа и Државниот инспекторат за транспорт.
Според евиденцијата на МВР автобусот од сообраќајната трагедија во Бугарија во 2020 година во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, а тој автобус за првпат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година, во сопственост на „БЕСА ТРАНС БТБ“ ДООЕЛ, а последниот технички преглед е направен на 05.10.2021 година.
Согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење на технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки. Притоа, важноста на регистрацијата е до 13.10.2022 година, а возилото е произведено во 2007 година.
Според најновите информации кои стигнаа до МВР, од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, обезбеден е биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија. See less