Уште еден македонски фудбалски стадион се наоѓа во завршна фаза на реновирањето. Продолжуваат градежните работи на стадионот во Битола и само месеци ги делат битолчани од велелетен објект. Откако се изгради северната трибина, работите продолжија со поставување на челичната контрукција на кровот на трибината.
Следна активност ќе биде поставување на рефлекторите кои ги обезбеди Фудбалската федерација на Македонија.
Претседателот на советот на Општина Битола, Валентин Груевски вели дека очекувањата се дека северната трибина ќе биде готова во март следната година, а на неа ќе има 4.500 седишта. Груевски вели дека завршувањето на градбата можеше да се случи и порано, но сепак коронакризата има свое влијание, особено во оној период кога имаше бројни рестрикции.
За оваа трибина ќе се потрошат околу 5,5 милиони евра. Стадионот „Под Тумбе кафе“ е спортскиот симбол на градот и на ФК Пелистер. Тука се играле многу натпревари, се одмерувале спортските сили, а навивачите од трибините секогаш го бодреле својот клуб.