Тренчевска: Зголемувањето на пристапот до квалитетни услуги значи поголема грижа за лицата со аутизам

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во пресрет на меѓународниот ден за лицата со аутизам оствари средба со Здружението за деца со аутизам „Мојот свет“. На работниот состанок се разговараше за повеќе прашања од областа за заштита и унапредување на правата на децата со аутизам, за лицата во социјален ризик и за лицата со попреченост. Министерката Тренчевска посочи дека соработката на Министерството за труд и социјална политика со граѓанските организации е на високо ниво.

„Посветено работиме на исполнување на човековите права, особено на ранливите категории, на зголемување на пристапот до квалитетни услуги, политики што значат поголема грижа и можности за лицата со попреченост. Соработката со граѓанскиот сектор, ни е особено важна, затоа секогаш излегуваме во пресрет на решавање на нивните предизвици“, рече министерката Тренчевска.

Претставниците на граѓанските организации посочија дека очекуваат посебен акцент да се стави на раниот третман и интервенции на децата со аутизам во Центрите за аутизам, бидејќи кај децата дава одлични резултати во насока на висока функционалност и социјализација.

Сметаат дека Центри за лица со аутизам треба да има во повеќе населени места и дека со децентрализација на социјалните услуги многу граѓански здруженија добија можност да бидат дел од услугите. Сепак според нив потребна е поголема поддршка од локалната самоуправа за услугите успешно да се пренесат на локално ниво.