Може на професорот ќе му се смачи од волку честитки, ама па секој ден човек не оди за амбасадор во Вашингтон. Претпоставувам дека денешната навалица на добри желби е резултат на официјализирање на неговото велепратеничко превасходителство и јас, сеедно што еднаш му испратив честитки, не можам да се држам настрана.
Успешен и пријатен ако може така да се каже, мандат, професоре. Прошетај ја земјата, запознај го народот, помогни да се извлечеме од блокадите, да се упристоиме на континентот и во светот, да ја добиеме новата квота историско време од илјада години, објасни и на дијаспората кој е кој во Македонија Северна, прашај ги Американците дали е вистина дека од Месечината се гледа редица чипирани идиоти кои во Северна Македонија чекаат да и се качат на власта и на народот, таканаречени вморони, донеси ги Бостон Селтикс во Скопје, хахаха, и врати се да ни бидеш министер или претседател или обичен другар во Корзо, ќе ни недостигаш тука, со својата аналитика, знаење и дух, со свежината и одговорноста на твојот поглед во овој мутљак што го прават празноглавците на разочараноста и катастрофата.