Заминувањето на Заев
Заминува единствениот државник кој се обиде да и го растури детството на Македонија, да ја одбие од цицката на националната заробеност, да и каже дека е порасната и дека е време да излезе од колепката на лажната, плачлива, патетична и смртоносна претстава за себе.
Да и соопшти дека само европскоста односно модерноста е мерка на нејзината македонштина. И дека друга мерка нема. Тоа е доволно грандиозно, за еден релативно кус мандат оптоварен со неверојатни отпори и лоша среќа. Доволно е грандиозно во апсолутна смисла, а во споредба со парадноста и салонскоста на претходниците, неговото остварување е мојсиевски подвиг, откривање на црвеното море од заблуди, комплекси и митови и отворање на патот кон европскиот синај за Македонија.
Во март 2020 е објавен последниот мој текст на Окно.
Гомбрович и Тричковски велат дека Заев е од родот на инсектите осаменици, кои одат по својот пат, мастодонт, оклопник, монах, хипопотам, чудак, инквизитор, кактус, мекотел, маченик, апарат, крокодил, социолог, одмаздник, брат, исповедник, аџија, вирус…
Тој е несфатлив и недофатлив за еднодимензионалноста на вморонскиот свет и на неговите слободни радикали од кикифрики и фрикимики форматите.
Само како таков имаше шанси да го направи тоа што го направи: да го отвори рајот за оние што го преферираа пеколот.
Македонската политичка историја е полна со личности кои висат по ѕидивите на колективниот имагинариум како полнети птици. Заев ќе биде првата политичка фигура која ќе влезе во тој свет со новото ниво на државната и општествена реализација остварени во жесток натпревар во слободниот свет, со влезот во драматично различниот контекст кој ќе води кон ново посамоуверено самодоживување на луѓето и на заедницата, на нациите, ако сакате; тој е од под Беласица, од Византискиот крај со позитивен византизам во карактерот и личноста, една тотално друга димензија на македонството од штипсконовоселската корона од која со години страдаа и страдаат белите дробови и џигерот на Македонија.
Голем човек во катастрофална ситуација.
А само пред десетина дена на овој ѕид го напишав следниот статус:
Да ви каже нешто чичко Тричко, во овие драматични времиња со изгледи за ескалација, можеби подобро ќе разберете:
Заев беше небеско послание за Македонија, амбасадор на провидението, феноменална комбинација од визија, верба, страст, посветеност, истрајност, енергија, човек кој македонската димензија на преживувањето, на оцелувањето, што би рекле Бугарите, ја беше трансформирал во постоење, во високосубјективизиран европски ентитет, ако ме разбирате, независно од финалните кочници, тој човек не дојде во судир со народот, туку со луѓето на кои претходно им беше измиен мозокот, скроз измиен, преку тоталната, без остаток кампања, медиумска, политичка, партиска, невладина, секој ден, тој исплакнат и излуден народ не се изјаснуваше за политиките на Заев туку за претставата за тие политики што му беше наметната. Неговата единствена грешка е односот кон смртоносниот карактер на медиумите и тоа смртоносен не само за сдсм, туку за Македонија. Се што се зборува за него и за неговите политики сега, се фрази, обични фразетини за арогантноста, за тоа дека не ги почувствувал потребите на народот, не ја анимирал прогресивната интелигенција (која прогресивна интелигенција, јебо те бог),не го реформирал судството, имало многу корупција, хахаха. Обична инерција од пропагандата во која учествуваше сето општество. Се разбира, има еден куп основи за сериозна критика, но ова што го слушаме е расипана плоча во џубоксот во кафеаната Македонија. Низ историјата пропаѓале многу држави и цели империи, пропаѓале цивилизации, но никој не се довел на работ на пропаста на ваков, јас би го нарекол перформерски начин: сега ќе ви покажеме како се умира без везе, односно со малку злоба, малку глупост, малку неписменост, а чујте, не е баш дека без везе, хахаха.
Сега, што?
Заев ќе си го меша ајварот, а вие ќе си ја мешате судбината. Додека не и се види газерот. Така викавме во Свети Николе.