На моја особена чест, денеска во Центарот за обука во Идризово, од страна на амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, официјално беше предадена на МВР акредитацијата на Меѓународната асоцијација на Директори на Полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ), со што го означуваме остварувањето на уште еден успешен исчекор на Центарот во неговото целосно етаблирање како кредибилен, професионално оспособен и специјализиран образовен сегмент, чија неопходност е директно поврзана со успешното функционирање на министерството, односно сите негови полициски служби и организациони единици.
Како МВР во овие неколку години наназад посветивме особено внимание на континуираниот развој на нашиот Центар за обука, а овозможивме и целосна поддршка и потребна логистика за негово надградување како современ образовно – стручен Центар кој на сите наши полициски службеници ќе им овозможи соодветно професионално усовршување и експертиза согласно сите модерни полициски стандарди на работење.
Дозволете ми во свое име и во име на раководството на МВР да им упатам искрени честитки на колегите од Центарот за обука со уверување дека ова остварување ќе биде дополнителен мотив да се продолжи со успешното развивање и функционирање на Центарот.