Во текот на месец ноември ќе биде пуштена во употреба првата фотонапонска централа со инсталирана моќ од 10 мегавати, изградена на површините од поранешниот рудник за јаглен во Осломеј, чиј изведувач е турската компанија „Гиришим“.
Производството на соларната централа на годишно ниво ќе изнесува околу 15 гигават часови и ќе биде доволно за снабдување на 2. 000 домаќинства.
– Во текот на наредниот месец се очекува да биде предадена во употреба првата фотонапонска централа изградена на површините од поранешниот рудник за јаглен во Осломеј. Оваа фотонапонска централа е со вредност од 7. 000 000 евра од кои 5 900 000 евра средства обезбедени од ЕБОР и 1 100 000 евра средства обезбедени од компанијата која стопанисува со овие капацитети, ЕСМ. Изведувач на работите е турската компанија „Гиришим“. Изградбата на фотонапонски централи е интенција на Владата и ЕСМ за добивање на т.н. чиста зелена енергија од обновливи извори – истакна Чедомир Арсоски од РЕК „Осломеј“.
Арсоски информира дека со внатрешното прераспоредување во фотонапонската централа ќе бидат ангажирани десетина лица вработени во РЕК „Осломеј“ и ја најави изградбата на уште две фотонапонски централи на површините од поранешниот рудник со многу поголем капацитет.