Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на прес-конференција денеска изјави дека им порачал на претставниците на македонската Влада дека треба да вложат во директен дијалог со Бугарија со цел надминување на споровите.
-Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед, бидејќи станува збор за взаемен интерес да се изнајде решение кое е прифатливо решение за двете страни, рече Вархеји.
Тој потврди уште еднаш дека целта на Европската комисија, како и на германското претседателство, е да се одржи првата Меѓувладина конференција, односно отворањето на првите поглавја на преговори, до крајот на оваа година.
-Сѐ уште целиме на одржување на првите меѓувладини конференции под германско претседателство (до 31 декември, н.з.), тоа е пораката што ја пренесов до Европскиот Парламент и тука, уште имам надеж дека е возможно, изјави Вархеји одговарајќи на новинарско прашање за Албанија и Северна Македонија.
Комесарот додаде дека овие извештаи за реформскиот напредок, први откако тој е на оваа функција, се изготвени врз база на факти и информации од сите релевантни чинители.
-Се надевам дека со ова Советот ќе може да оди напред и да постигне договор за преговарачките рамки за двете земји, порача еврокомесарот за проширување.