Откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња можат да се објават, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски во врска со ангажманот на дополните 58 хонорарци
Имињата на 58 хонорарци кои дополнително биле ангажирани од Владата во декември и на кои им се исплатени хонорари од околу 37 илјади евра за еден месец, ќе бидат достапни за јавноста од понеделник.
Ова го потврди портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во вечерашната емисијата „360 степени“.
„Не ни паѓа на памет во Владата да криеме какви било податоци и можам да кажам дека откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња можат да се објават. Од понеделник, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе може да се добијат овие имиња, бидејќи се работи за јавни пари и нема потреба да се крие ништо“,
вели Арсовски.
Хонорарците, како што откри БИРН биле ангажирани преку Генералниот секретаријат на Владата кој има над 250 вработени, но при нивниот обид да ги добијат имињата на овие лица и основите за кои биле ангажнирани наишле да одговор дека се работи за лични податоци.
Но, по јавниот притисок, Владата ја промени одлуката и како што најави портпаролот, од понеделник тие имиња ќе може да се добијат на увид на јавноста следејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.