Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов и уште неколкумина негови соработници се приведени поради сомнеж за корупција во заедничка акција на бугарската полиција и европското обвинителство.
Според бугарските медиуми, приведени се и министерот за финансии во владата на Борисов, Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за буџет во бугарскиот парламент, Менда Стојанова и портпаролката на Борисов, Севдалина Арнаудова.
Како што наведуваат софиските медиуми, тие се приведени во рамките на истрага која што се води за 120 случаи за наводна злоупотреба на европски пари во Бугарија во областа на земјоделството, градежништвото и јавните набавки.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вечерва се огласи со објава на Фејсбук и порача: „Никој не е над законот”.
Полицијата го ограничила движењето на четворицата додека траат претресите, а потоа со полициска наредба ќе бидат задржани 24 часа. Подоцна европските обвинители можат да побараат од судот да ги задржи во притвор.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов вечерва во полициски автомобил го напушти својот дом во градот Банкаја,
Тој беше изваден од полицаец и ќе биде предаден на Националната полициска служба на Бугарија.
Сите пратеници на ГЕРБ, поранешни министри и поддржувачи се собраа пред куќата на Борисов и се упатија кон местото каде што ќе биде испорачан поранешниот премиер на Бугарија.
Вицепремиерот на ГЕРБ Тома Биков ги повика симпатизерите на нивната партија да дојдат на протест во Софија.
Речиси три часа траеше претресот во домот на Бојко Борисов. Приведувањето е извршено во рамките на специјалната операција за злоупотреба на европските фондови, објавија локалните медиуми.
Меѓу приведените е и поранешниот бугарски министер за финансии Владислав Горанов.