(ВИДЕО) Заев и Царовска: Продолжуваме со политики за современо и пристапно високо образование со 80% повисоки стипендии за поддршка на студентскиот стандард

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска се обратија пред студентите и професорите на Природно-математичкиот факултет во Скопје по повод новата академска година и првиот академски час и им посакаа успешна академска година и висока мотивираност во остварувањето академски успеси.

На настанот присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, проф. др. Никола Јанкуловски и деканот на Природно-математичкиот факултет, проф. др. Александар Скепаровски.

Во оваа прилика премиерот Зоран Заев истакна дека Владата и Министерството за образование и наука остануваат посветени на градењето квалитетно високо образование и продолжуваат со креирањето програми и политики за поддршка на студентскиот стандард и за современи услови за настава, како и за спроведување на научно-истражувачките проекти на факултетските институти.

„Значително ја променивме политиката за стипендирање студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, со повисоки месечни износи со кои студентите навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Па така, за најголем дел од категориите на студентски стипендии, месечните износи се зголемени, некаде и за над 80%. Ве поттикнувам да ги прифатите овие можности кои во голема мерка ќе ви го олеснат студирањето“, порача Премиерот Заев.

Тој истакна дека од оваа година започна и поддршката на студентите со субвенционираниот студентски оброк.

На студентите на Природно-математичкиот факултет во Скопје премиерот Зоран Заев им порача дека со својот академски избор направиле чекор кон квалитетно и меѓународно валоризирано образование, на високообразовна институција којашто е дел од европската академска мрежа „Еразмус“.

Премиерот им посака успешна академска година на студентите и професорите на сите факултети во земјава и истакна дека е особено важно што со почетокот на оваа академска година наставата и другите активности се враќаат во амфитеатрите, кабинетите и лабораториите на студентските кампуси со задолжителното почитување на протоколите за организирање и спроведување на наставата и другите академски активности во услови на пандемија.

Министерката за образование и наука Мила Царовска на студентите им посака успешна академска година и посветено студирање кое ќе ги подготви за предизвиците што ги очекуваат понатаму во животот.

„Ве повикувам да бидете внимателни на предавањата, да ги почитувате професорите и да се трудите да ги надминете своите лични, но и нивните очекувања. Само така ќе станете генерација која успешно ќе ја добие својата битка и генерација која ќе биде носител на промени за подобро општество. Успешна работа им посакувам и на професорите кои верувам дека ќе го дадат својот максимум за да ве водат низ студирањето. Како одговорна Влада која води грижа за младите, оваа академска година ја започнуваме со зголемени стипендии, како и со воведување на субвенциониран студентски оброк“, порача министерката Мила Царовска.