Во Владата денеска се одржа прес-конференција по повод 100 дена од работењето на Владата, на која премиерот Заев, заедно со првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, и со заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, со заменик-претседателот за координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и со заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров, ги презентираа остварувањата од работењето на Владата во првите 100 дена.
Во делот на прашањата од медиумите, го прашавме премиерот Заев за средствата од буџетот кои се планирани и за Битола, како и за другите општини. Над 50 милиони денари за комунални и инфраструктурни проекти.
Деновиве министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави и дополнителни средства од буџетот за подобрување на туристичката понуда на Битола.
„За Битола дополнително развиваме, како што рекол министерот Горан Милевски, проект за изградба на нови жичарници на Пелистер каде што веќе собираме одредени понуди за да можеме дополнително да помогнеме во изградба барем на една жичарница во 2021 година. Имаме понуди од Австрија, кои се и тоа како прифатливи, се изнаоѓаат начините на транспортирање, монтирање и слично и самите постапки како да ги обезбедиме, лично сум ангажиран, министерот за локална самоуправа Милевски ја води таа иницијатива и тоа е во рамките на поддршката на туризмот“, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето на ТВ Тера за обезбедувањето на други средства за подобрување на туристичката понуда на Битола што ги најави министерот за локална самоуправа Милевски.