Преработувачите им свртија грб на земјоделците
Вчерашната трибина во Валандово за Договорно производство за жал беше неуспешен обид за воспоставување на соработка меѓу земјоделците и преработувачите.
Причината ја адресираме до преработувачите, кои иако уредно поканети, лично и преку официјална покана до МАП не се одзваа на поканата.
Имаше претставник само од „Тргопродукт“ со што уште еднаш ја покажаа високата професионалност кога е договорното производство во прашање.
Јован и неговите колеги земјоделци, млади, вредни, производители на зелка од Валандово со право беа разочарани од однесувањето на преработувачите. Им свртија грб оние кои треба да им бидат партнери. А сакаа да им кажат дека можат да произведат не само зелка, туку било која земјоделска култура која им е потребна за преработка. И колку сакаат количини. Најважно им е само да знаат дека производот ќе има решен пласман, најголемиот нивен проблем.
А јас навистина сум загрижена од фактот дека се нема слух за домашното производство на земјоделски производи, ќе се стимулира увозот, ќе расте трговскиот дефицит, ќе се одлеваат девизи од државата за нешто што може овде да се произведе. И ако за ова најчесто укажуваа преработувачите и се повикуваа на потребата од договорно производство, прашањето е дали е сето тоа само декларативно, додека се бара квота плус за увоз на суровина? Дали можеби немаат обезбедено пазар, имаат залихи или нешто друго е во прашање.
Останува во идниот период ова да се разговара и лично со нив, но и со институциите кои се задолжени за субвенционирање и развој на македонскиот аграр. Проблем очигледно има и треба да се најде начин да се делува.
Јас не се откажувам од идејата дека Договорното производство е најдобриот модел кој гарантира успех како за земјоделците така и за државата. Особено кога до мене стојат вакви здружени земјоделци кои можат да бидат носители на земјоделското производство во тој регион. Слушнете го нивното размислување и апел до преработувачите:
Ленче Николовска