Долго време размислував дали да се изјаснам со мислење за неколку спорни моменти кои беа на штета на мојот клуб.
На почетокот, сакам на клубовите против кои игравме да им се заблагодарам за коректната игра, денес на ФК Шкупи за приемот и победата. Ова е мое видување и нема врска со клубот и неговите соопштенија во кои никогаш не сум учествувал, бидејќи не сакам да се мешам во клупската политика. Јас и моите играчи се надигруваме со секого, живееме од фудбалот, а сега кога некои судии сакаат да ја омаловажат нашата работа, не смеам да им дозволам, а да не ја кажам вистината. Трипати сме оштетени од судиска двојка од Штип, денес од судиска двојка од Струга, грешки со кои директно влијаеја на крајниот резултат.
Господа од Судиски одбор, оној што делегира судии, престанете со вашата заштита на вашите судии, затоа што застанувајќи зад нив го уништувате фудбалот. Треба да се замислите дека некој во овие тешки времиња обезбедува финансии од кои живеат и играчи и тренери, луѓе кои вие со вашиот препотентен став ги игнорирате.
За крај, нека ви служи на чест и да знаете дека јас како тренер размислувам дали да продолжам затоа што не сакам да учествувам во вашите игри. Јас сум прифаќал порази и сум пружел рака на секој мој колега ама не сум сакал да пружам рака на одредени судии. Клубот е голем, ќе продолжи и без мене ама жално е што некои судии и поединци од Судиски одбор, заедно со тој што делегира, мислат дека фудбалот без нив не може да опстане.
Уште денес ќе разговарам со Градоначалникот и раководството да им ја соопштам мојата одлука. Секогаш ќе се борам за чесен фудбал и сакам да ѝ се заблагодарам на кавадаречката јавност, на верните „Лозари“, за поддршката што ја чувствував овие 6-7 месеци.
На повик на Градоначалникот на Кавадарци, г-дин Митко Јанчев, човек кој неизмерно го ценам и почитувам, дојдов да бидам Шеф на стручниот штаб на ФК Тиквеш. Одлуката околу мојата иднина во клубот ја препуштам нему.
Ова денес ја прели чашата…