Под чудни околности се затвора еден од најголемите ланец на маркети каде граѓаните пазарат поевтино. ВМРО-ДПМНЕ претходно предупреди дека работата на УЈП е погрешно насочена и политички мотивирана, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Доведени се во прашање стотици работни места, додека олигарсите од власта продолжуваат да печалат на грбот на народот. Власта на СДС и ДУИ е должна да одговори дали зад ваквиот чекор стои политичка нарачка и елиминација на конкуренцијата на структури блиски до власта? Дали власта е свесна дека затворањето на Кам маркетите е удар за граѓаните кои пазарат поевтино?, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат и дали е точно дека се работи за нарачка директно од зградата на Илинденска за спас на коалицијата на власт, и заштита на еден од финансиерите на кампањата на политичка партија од власта?
СДСМ објави реакција:
Потонати лагите на ВМРО-ДПМНЕ за КАМ, навикнати на „пиштење вриштење“ немаат капацитет да разберат дека УЈП постапува професионално
Пропадна уште една лага од белиот дворец со која ВМРО-ДПМНЕ ја плашеше јавноста дека синџир на маркети КАМ бил затворен, дека луѓе ќе останеле без работа и што ли уште не.
Навикнати на нивниот режимски начин на работа, никако не можат да разберат дека времето на политички мотивирани затворања на бизниси, времето на хилти, на „пиштење – вриштење“ заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт.
УЈП како и сите надлежни институции работи согласно законските надлежности, постапува професионално и неселективно во заштита на законите и интересот на граѓаните.
Очигледно на ВМРО-ДПМНЕ му пречи професионалната работа на институциите, па затоа шири лажни вести и манипулации со цел да предизвика паника меѓу граѓаните.
По пријава на граѓани, спроведени се контроли во еден синџир на маркети, при што не е затворен ниту еден маркет, ниту пак е изречена казна кон синџирот маркети.
Освен лажни вести и заштита на криминалот, ВМРО-ДПМНЕ ништо друго и не знае.