Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистира пратениците да влезат во салата за 32. седница и не ја почнува 36. седница. (Фото: СДК.МК)
Претседателот на Собранието Талат Џафери држи монолог на седницата вечерва, видно изнервиран што нема кворум за работа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чекаат пред салата и бараат од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, на која на дневен ред се законите од петтиот пакет економски мерки.
Тоа е неприфатливо за Џафери, кој смета дека пратениците не смеат да поставуваат такви ултиматуми и да бираат на која седница ќе присуствуваат, туку се обврзани присуствуваат на седниците, ако веќе се потпишале дека дошле на работа и бараат да им се исплатат патни трошоци.
ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ МУ ПРАВАТ ВЛЕЗИ-ИЗЛЕЗИ НА ЏАФЕРИ
„Цел ден ми тупите овде со медиумите, Талат, Талат, Талат… Еве ви го Талат. 101 пратеник се потпишани овде, ќе земете патни трошоци. Четири години ве бранам дека тоа не е така, но сами си се удирате од глава и не се вразумувате. Не може да ве викам секој ден тука, да плаќаме патни трошоци за 100 пратеници, а на седница да има 50 пратеници, 58, 59 пратеници. Зошто? Зашто така решил извршниот комитет на некоја партија. Ќе почекаме да оздрават пратениците од мнозинството, па ќе ги донесеме законите“, вели Џафери.
Седницата сè уште е во тек, Џафери сè уште зборува. Тројца пратеници од мнозинството се во изолација, бидејќи се позитивни на коронавирус.