Спроведените активности во рамки на Проектот „ENABLE”, чиј фокус е насочен кон развој на концепт за одржливи градови, а кој е финансиран од Европската програма Еразмус+, денеска беа презентирани пред засегнатите страни во општина Прилеп.
Градот Прилеп, е поставен како студија на случај на наставната програма која ќе се спроведува во рамките на постојната програма во магистерските студии на три Европски универзитети од градовите Виена, Скопје и Реџо ди Калабрија. Во тој вмрежен наставен план, студентите од трите Универзитети ќе предложат стратегии за развој на градот од кои, понатаму ќе се формираат стратешки насоки за урбанистички развој на Прилеп.
Синтезата на индивидуалните концепти за одржлив град, во форма на проектни предлози за градот Прилеп, ќе бидат презентирани на меѓународна конференција која ќе се одржи во Прилеп, во месец август 2021 година, а ќе бидат артикулирани во хипотетички стратешки План, во форма на публикација.
Многу ми е драго што Прилеп, е можеби првиот, или единствениот град во нашата држава каде што се спробедува ваков проект. Мојата идеја беше да го направиме за Прилеп она што за Скопје го направи Кензо Танге. Уште од самото мое доаѓање како градоначалник, мојата намера е да се изработи урбанистичко и просторно планирање за градот, кое ќе важи за наредните 50 години. Без разлика кој е градоначалник, или која политичка провиненција е на власт, да имаме град со стратешки урбанистички решенија, со сообраќајници, со еколошки решенија и се’ друго што е потребно. Се радувам дека сме на добар пат да го направиме тоа.
Благодарност до сите учесници во проектот: Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје, Институт за просторно планирање при Технички Универзитет Виена и Катедра за Архитектура и Територија на Универзитетот Медитеранеа од Реџо ди Калабрија од Италија, Институтот за животна средина, екологија и градежништво – ИЕГЕ Скопје и Фондацијата за партнерство во животната средина од Брно, Чешка.