Оваа година кампањата #16ДенаАктивизам против родовото насилство, Обединетите нации ја спроведуваат под слоганот „Да го обоиме светот портокалово: Стави крај на насилството врз жените, сега!“. 🧡
Кампањата која трае 16 дена секоја година, е главниот двигател и потсетник дека ниеден учесник во општеството не смее да остане само на заложби кога е насилството врз жените во прашање. Спротивно, кампањата нѐ потсетува дека е потребна акција од сите, и таа е потребна секој ден.
Затоа и Владата на Република Северна Македонија оваа година презеде активности во насока на заштита на жените од насилство. Сега. Затоа што ова е една од темите која не трпи одложувања за утре.
Оваа година го донесовме Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во кој се вградени одредби извлечени од најдобрите искуства од најефикасните легислативни рамки за овие прашања.
За првпат во овој закон се дефинирани различните форми на насилство врз жените, и за првпат имаме законско решение кое насилството врз жените и девојките се дефинира како родово-базирано насилство. Ова е прв закон кој ни дава обврска нам, на институциите, да постапуваме со должно внимание при заштита на жените, жртви на насилство и семејно насилство.
За првпат во националната легислатива е воведен и клучниот процес за затворање на кругот на насилство врз жени и семејно насилство со реинтеграција на жените жртви на насилство.
Во законот е предвидено брзо и ефикасно постапување на сите институции во институционален одговор на секаков обид за насилство, кое покрај физичко може да биде психичко, сексуално, принуда на абортус, па и злосторството – фемицид.
За првпат во законот е предвидено и обврска за судовите кои се должни во рок од 24 часа од насилството да донесат одлука за отстранување на сторителот од домот од 10 до 30 дена, како и сет мерки и услуги за привремен престој за жените жртви на семејно насилство, нивните деца, жртвите на трговија со луѓе и сексуално насилство, каде ќе им бидат обезбедени помош и поддршка.
Владата презеде и други мерки на заштита, какви што се измените на Кривичниот законик. Со измените се воведува ново кривично дело „Демнење“ кое предвидува парични и затворски казни за оној кој неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин ќе се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува несакан контакт со движење на просторот каде се наоѓа тоа лице.
Како одговор на модерните предизвици и развојот на технологиите, ова ново кривично дело ги опфаќа и злоупотребата на користење лични податоци, користење на телекомуникациски или други средства за комуникација или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице.
Со овие измени се надополнува имплементацијата на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Државата е на страната на жените. Не само на страната на жртвите кои веќе претрпеле насилство, туку на страна на жените во заштитата за никогаш да не мора да претрпат насилство.
Спротивставувањето на насилството треба и мора да го правиме сите заедно како алки во синџирот на општеството. Молкот не е решение. Зборувањето, подигнувањето на гласот, преземањето мерки и мултидисциплинарниот пристап е вистинскиот пат за искоренување на насилството врз жените, родово-базираното и семејното насилство.
#16Days #16DaysOfActivism #OrangeTheWorld