Некогашниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски на локалните избори повторно извојува победа и се врати на градоначалничкиот трон во оваа општина.
На денешната прес конференција, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев изрази чудење за изборот на граѓаните во оваа општина.
„Почит кон секој човек, но не можам да сфатам што се случи во Карпош, таму живее интелигенцијата“, истакна Заев по средбата со Гаши.
Во вторник како што кажа ќе побара да се свика Извршен и Централен одбор на СДСМ на кој ќе ја даде неговата оставка, а потоа партијата треба да организира избори за нов лидер. Смета дека има време да се избере претседател на партијата кој потоа како мандатар ќе предложи нова Влада.
„Зборот е збор и треба да се одржува. Во демократијата се поднесува одговорност кога ќе изгубите и јас ја преземам одговорноста и сакам да оставам шанса на сите наши прогресивни граѓани.
Не е лесно да се биде прогресивен, тоа значи да гледаш малку подалеку, да не калкулираш поради политички рејтинг и политичка фотелја.
Убеден сум дека сум оставил свои впечатоци, но носам и горчина со мене затоа што не можам да сфатам како Карпош, најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција на земјава, вака да одлучи.
Значи почит спрема секој, но не можам да ги сфатам работите и за Град Скопје, кога ја имате лагата апсолутно споделена и како тоа никому не му е значајно“, рече Заев додавајќи дека доцниме 30 години од неносење на политички одлуки во минатото и од политички калкулации.
Зоран Заев оставката од двете функции ја најави по поразот на локалните избориво неделата вечер на 31 октомври.